Османи-Шмид: Претседавањето со ОБСЕ ќе ги зајакне позициите на Северна Македонија во меѓународни рамки

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи беше домаќин на Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, која е во прва работна посета на Северна Македонија во овој капацитет.

Како што информираат од ресорното министерство, на средбата се разговарало за следните чекори во контекст на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година, подготовките кои се во тек; активностите на работната група во МНР како и воспоставувањето на структурата која ќе го понесе големиот товар од претседавањето во Виена; како и за консултативниот процес околу приоритетите и агендата на Претседавањето.

„Како земја ние демонстрираме проактивност, капацитет и волја за преземање на сопственост и одговорност врз глобалните текови во време кога тие се исполнети со несигурност и непредвидливост. Впрочем, тоа и се очекува од нас, како земја која гради сопствен успешен модел на функционална мултиетничка демократија; земја – членка и на НАТО алијансата, и сериозен претендент за членство во Европската Унија“, истакнал Османи.

Тој воедно ја информирал Шмид, дека се вложуваат максимални напори процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен; дека Северна Македонија има капацитет да одговори на оваа задача, како и дека во рамките на претседавањето со ОБСЕ ќе биде ориентирана кон креирање решенија кои ќе овозможат напредок и позитивни придвижувања на процесите во Организацијата.

Соговорниците се согласиле дека претседавањето со Организацијата сериозно ќе придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер и сериозен контрибутор во зачувувањето на мултилатерализмот, како најважната цивилизациска придобивка на човештвото кое обезбедува долгорочен мир, стабилноста и соработката.

Веќе од идната година Северна Македонија влегува во ОБСЕ триото заедно со овогодишниот претседавач Шведска, како и, претседавачот во 2022 година, Полска. Наредната година ќе претседаваме и со Групата на медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, како генерална проба за нашите обврски како претседавач со организацијата во 2023 година.

ОБСЕ преставува најголемата регионална организација на северната хемисфера, која опфаќа 57 земји-учеснички од Ванкувер до Владивосток, протегајќи се на три континенти Европа, Азија и Америка.

Share
Scroll to Top