Отворено писмо од Еуромакс Ресоурцес

пред 3 години

Почитувани,

Дозволете ни и во оваа прилика принципиелно да ги пренесеме изразите на почитување до граѓанското здружение „Здрава Котлина“ – Струмица, за реализираното легитимирање во политичкиот изборен процес на претстојните локални избори преку свои кандидати за платени функции во општинските совети.

На јавноста и е добро познато дека менаџментот на Еуромакс Ресоурцес посветено се залага за широка инклузивност и транспарентност преку конструктивен дијалог и соработка низ форма на партиципативна демократија со сите релевантни здруженија, кои како приоритет во нивниот граѓански активизам ја имаат заштитата на животната средина. Токму затоа, преку ова Отворено Писмо до лидерството на „Здрава Котлина“ ја повторуваме поканата за заедничка работна средба. На таквата работна средба, во конструктивна атмосфера би ги разгледале и модалитетите за вашето активно учество во формирањето и функционирањето на „Независното Мониторинг Тело“ за постојан надзор и контрола, заедно со експертите од науката, претставниците од локалните управи и жителите од директно засегнатите општини. Согласно позитивната законска регулатива, ваквото независно тело ќе остварува неопходна соработка со сите надлежни државни органи и институции како и со неодамна формираниот „Граѓански Инспекциски Совет“ по иницијативата на „Зелениот Институт“ и 26-те невладини организации.

Интересен е популистичкиот слоган „Стига Е“ со кој го промовирате вашето директно учество во овој политички изборен процес… и навистина „Доста Е!“, или крајно време е да се воздигнете и да се однесувате како високо одговорни граѓани чија цел не е само да ја кочат и забрануваат „по секоја цена“ (?) реализацијата на најголемата странска инвестиција, туку конструктивно да го подржат прогресот и добробитта на СИТЕ граѓани од нашата држава. Ова е посебно важно за вашите сожители кои очекуваат реални резултати со кои ќе се подобри квалитетот на нивното живеење – СЕГА И ВЕДНАШ! Само богати и економски развиени општини, региони и држави можат реално да си дозволат непречено реализирање на сите ветени инфраструктурни и комунални проекти, значително да инвестираат во потребната грижа за животната средина, да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето…. или воопшто во креирање на квалитетни параметри за современо и среќно живеење.

„Доста Е“ со досегашната радикална исклучивост, агресивност и говор на омраза кон сите оние кои различно размислуваат и делуваат. Секако, ние не ви сугерираме ниту пак очекуваме веднаш да ги промените вашите ригидни ставови во претстојната политичка кампања, но сепак се надеваме дека конечно ќе почнете со граѓанска креативност и позитивизам да пристапувате кон партнерскиот дијалог и заложбите за доследно имплементирање на строгите законски прописи, за примена на најновите технологии и добрите практики за одржливо рударство на 21-от век, како и за континуирано спроведување на највисоките светски стандарди и критериуми за заштита на човековата средина.

Почитувано раководство на граѓанското здружение „Здрава Котлина“, убедени сме дека на ваква работна средба преку цивилизиран дијалог, размена на релевантни информации и научно фундирана аргументација, заедно ќе успееме да го изградиме и оперираме современиот рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука“ како „вин-вин“ капитална инвестиција од интерес на инвеститорите, националната економија и буквално сите граѓани на нашата држава без разлика на нивните политички, етнички, верски, полови и културни различности!

Со почит,

Еуромакс Ресоурцес

(ПР-Текст)

Share
Scroll to Top