Отпадните води од четири свињарски фарми ја загадувале реката Осојница

пред 3 години

Државниот инспекторат за животна средина утврди дека реката Осојница во Виница се загадува од отпадните води од четири свињарски фарми. Надзорот се изврши со овластен инспектор од општината, поради локалната надлежност за инспектирање на три од четирите фарми.

„ Инспекторатот утврди дека фармата која поседува А интегрирана дозвола не ги одржува лагуните и не врши мониторинг на подземните води – и ја задолжи во законски утврдениот рок да ја изведе прописно активната лагуна и да склучи договор за редовно чистење на талогот од изѓубрувањето. Исто така, фармата е задолжена да врши мониторинг на подземните води, согласно обврските кои произлегуваат од дозволата“ соопшти ДИЖС.

Овластените инспектори од општина Виница, како што наведуваат, досега немале сознанија дека покрај реката има фарми кои треба да се контролираат од нивна страна. Тие додаваат дека дополнително ќе постапуваат за собирање информации од правните лица за капацитетот на фармите, од што ќе зависи дали тие ќе добијат задолжение да поднесат барање за издавање Б интегрирана дозвола или одобрување на Елаборат за заштита на животната средина од страна на Градоначалникот на општината.

Државниот инспекторат предупредува дека доколку овластените општински инспектори не постапат според своите овластувања, тогаш Инспекторатот ќе ги преземе соодветните чекори.

Share
Scroll to Top