Пендаровски: Обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик

пред 4 години

Обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик, заклучи претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на промоцијата на поштенска марка по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески, а во рамки на програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

Во обраќањето, Пендаровски рече дека и по децении од кодифицирањето на македонскиот јазик и неговото верифицирање од страна на светската лингвистичка наука, сведоци сме на негации и притисоци. Сепак, како што додаде, радува фактот што барем внатрешно немаме никакви колебања и што обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик.

„Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академик Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации. Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот, туку и кон сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти- македонисти кои го проучувале и изучувале. Кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски“, порача Пендаровски.

Како што додаде, јазикот е долг кон науката, кон вистината и правдата. Затоа во годината на Конески, но и во секоја следна, како општество, но и како поединци – обични граѓани или претставници на институции, треба да работиме сплотено и одговорно во афирмацијата и промоцијата на неговото дело.

Share
Scroll to Top