Претседателот Стево Пендаровски приреди прием по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Приемот во Кабинетот на Претседателот, на кој присутвуваа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и членовите на Деканатската управа на Правниот факултет, е приреден во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј на овој факултет, кое се одржува под покровителство на претседателот Пендаровски.
![]()
Пендаровски, честитајќи го јубилејот на Правниот факултет„Јустинијан Први“, ја истакна неговата улога во градењето на современата македонска држава, придонесот во нашиот правен и политички систем, како и во процесите на демократскиот развој на државата. Посакувајќи уште многу години успешна и плодна работа, претседателот Пендаровски изрази уверување дека Правниот факултет и во иднина ќе дава креативни предлози и луѓе кои ќе можат да предводат позитивни процеси во државата за успешно справување со современите предизвици за најважните општествени прашања.
![]()
За значењето на јубилејот, како и за одговорноста на оваа генерација професори, на приемот говореа и Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Сашо Георгиевски, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Правниот факултет „Јустинијан Први“, основан на 3 ноември 1951 година, е најстарата високообразовна установа во Република Северна Македонија од сферата на правните, политолошките и комуниколошките науки.



