Пендаровски-Стјуарт Пич: Надминувањето на блокадата за преговорите со ЕУ ќе внесе дополнителна стабилност на Западен Балкан

пред 2 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими сер Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од посетата на специјалниот претставник Пич набрзо по неговото именување на функцијата во декември 2021 година.

Посетата, како што оцени претседателот, е потврда за посветеноста на Обединетото Кралство за одржување на стабилноста и просперитетот на регионот.

Соговорниците, како што информираат од кабинетот на претседателот, размениле мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста, како и зајакнувањето на институтциите во борбата против организираниот криминал и високата корупција.

На средбата се разговарало и за прашањата поврзани со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Република Бугарија.

Претседателот Пендаровски го информирал сер Стујарт Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодарил за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлекол дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.

Соговорниците, меѓу другото, разговарале и за одличната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и можностите за зајакнување на соработката меѓу двете држави и за обезбедување натамошна британска поддршка во повеќе области и форми.

Share
Scroll to Top