Перински пред гласањето на 12 септември: Ако не се донесе законот, градоначалниците ќе останат без контрола

Перински пред гласањето на 12 септември: Ако не се донесе законот, градоначалниците ќе останат без контрола

пред 2 дена

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, потврди дека институциите прават максимални напори новите измени на Законот за локална самоуправа да бидат изгласани до 12 септември, кога е закажана последната парламентарна седница пред изборите.

Тој посочи дека предлог-законот е подготвуван повеќе од половина година, со широки консултации и дебати со сите засегнати страни, вклучително и со координаторите на опозициските групи во Собранието.

„Жал ми е што ниту ДУИ, ниту СДСМ не успеаја да се надминат и да ги поддржат измените, иако тие директно се однесуваат на јакнење на демократијата и подобрување на услугите на локално ниво“, изјави Перински.

Според него, клучните новини се: воведување можност за референдумски отповик на градоначалник, задолжителна комунална полиција, транспарентно пренесување на седниците на општинските совети и нови градски архитекти.

Министерот предупреди дека доколку измените не се изгласаат на следната седница, тие нема да важат за идните градоначалници.

„Тоа би значело дека тие ќе останат единствените јавни функционери без можност за отповик, а локалната власт нема да има механизми како комунална полиција, што ќе влијае врз квалитетот на работењето“, нагласи Перински.

Тој се осврна и на бројот на советници по општините, објаснувајќи дека Владата веќе интервенирала согласно промените во бројот на жители.

„Во 17 општини имаше корекции, во 14 бројот на советници се намали, а во три се зголеми“, рече тој.

Министерот додаде дека барањата на опозицијата за вклучување на целото население од пописот не се оправдани, бидејќи според законот, советниците се избираат врз основа на реалниот број на жители во општината.

„Нема пример во светот каде нерезиденти се земаат како параметар за советници. Владата уште на старт ги расчисти овие дилеми“, потенцира Перински.

Текстот Перински пред гласањето на 12 септември: Ако не се донесе законот, градоначалниците ќе останат без контрола е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top