Поддршка од претседателот Пендаровски за кампањата „Разбистри сѐ“

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски со приклучување кон герила акцијата „Дали би ја пиеле оваа вода?”, ја објави поддршката на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“.

„Бистро, чисто и јасно за незагадена природа, чиста вода за пиење и за јасна поделба на надлежностите и преземање на одговорност да ги заштитиме нашите води. Заедно да работиме за да придонесеме кон одржливо користење и заштита на водата и за ефикасен надзор врз искористувањето на природните ресурси“, напиша Пендаровски на неговите социјални медиуми, објавувајќи фотографија со шишето заматена вода.

Кон герила акцијата на социјалните мрежи се приклучуваат голем број граѓански активисти, новинари, професори, невладини организации и медиуми, кои ја поддржаа кампањата „Разбистри сѐ“. Тие објавуваа апели за порационално користење на водата, спречување на загадувањето на реките, сузбивање на коруптивните практики при управувањето со природните ресурси, како и за поголема ефикасност на инспекциските органи.

Водата во Македонија не ја добива потребната заштита и не се користи рационално, а сите граѓани немаат пристап до здравствено исправна вода за пиење и санитарни услови. Одговорните институции немаат капацитет и опрема за спроведување на Законот за води и не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет. Континуираното експлоатирање и уништување на водните ресурси се должи и на нискиот степен на казнивост на загадувачите.

Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“ која ќе трае во текот на 2021 година, ќе се фокусира токму на овие проблеми и нејзината цел е да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

За кампањата можете да се информирате на веб страницатa www.razbistri.se

Share
Scroll to Top