Потпишани договори за финансиска поддршка со 48 компании

пред 4 години

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, одржаа прес-конференција на која беа презентирани податоци поврзани со договорите за државна помош потпишани со компании кои аплицираа за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции за 2020 година.

„ Оваа година се потпишаа нови договори со 38 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра. Ова се финансиски средства кои компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, значи стабилност на нивните работни места и отворање на нови. Дополнително, ова се инвестиции кои компаниите ги прават во време на светска криза предизвикана од КОВИД-19. Токму затоа би сакал да ги поздравам одлуките на овие 48 компании, кои решија да реализираат нови инвестиции, со што ќе продолжи трендот на нивен раст, ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите на домашниот, но уште поважно, на меѓународните пазари“, рече Битиќи на почетокот на своето обраќање.

Во однос на големината на компаниите, вицепремиерот укажа дека најголемиот дел се мали фирми (до 50 вработени), вкупно 20 (или 53%), по што следуваат средни компании, вкупно 10 (или 26%), па 5 микро компании (13%) и најмалку се големите компании, само 3 (8%).

„ Рамномерната регионална распределба на компаниите и структурата по големина покажуваат и докажуваат дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите дава подеднаква можност за сите компании во земјата, независно од нивната големина или местоположба. Единствено важно е компаниите да прават инвестиции во нивниот развој и конкурентска предност, да покажуваат успех во нивното работење и да не го намалуваат бројот на вработени со текот на годините. Економскиот развој, унапредување на конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународните пазари и подигнување на животниот стандард на вработените, останува врвен приоритет на Владата. Во овој момент фокусирани сме кон амортизирање и намалување на штетите предизвикани од коронавирусот и на спроведување на четвртиот сет на мерки со кои ќе ги поддржиме граѓаните и компаниите во овој тежок период, сепак паралелно мораме да работиме и на подолгорочно планирање и да бидеме подготвени за брз раст и развој на економијата по стабилизирање на состојбата со коронавирусот, односно во пост-ковид периодот. Инвестирајте и развивајте се, во државата имате партнер, Владата е тука да го поддржи и следи вашиот развој“, потенцираше вицепремиерот Битиќи во своето излагање.

Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека му претставува задоволство што и покрај пандемијата која предизвика и економска криза, заедно со вицепремиерот Битиќи имаат можност да објават дека и оваа година Владата продолжува со поддршка на бизнисот и поддршка на домашните компании, коишто покрај се успеале да работат успешно во текот на претходната, но и во текот на оваа година.

„ Кога го создадовме Планот за економски раст пред 3 години многу луѓе беа скептични дека овој План нема да даде резултати, нема да креира нови работни места, нема да имаат бенефит нашите компании, но нема да поттикне и раст на инвестициите. Но податоците во изминатите 3 години покажуваат дека со вакви планови, со ваква транспарентност, со ваква предвидност од страна на нашите компании ние успеавме да поддржиме како што кажа и вицепремиерот над 240 компании“, подвлече министерот.

Бектеши нагласи дека Владата и Министерството за економија, со цел да дополнително ги поттикнат компаниите да реализираат нови инвестиции објавија јавен повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост КОВИД-19 периодот, што практично може да го земеме како дополнително зајакнување на мерки за производни компании кои реализирале инвестиции во 2020 година, а за чија реализација се обезбедени дополнителни 20 милиони евра поддршка за компаниите.

„ Одлучивме оваа година дополнително да ги помогнеме нашите компании кои ќе имаат храброст да инвестираат во тек на ковид криза, но и пост-ковид кризата, значи и во 2021 година, со дополнителни 20 милиони евра. Што се однесува до процесот можам да ја информирам јавноста, а особено компаниите кои аплицирале дека е при крај евалуацијата на сите апликации и наредната недела ќе доставиме извештај од страна на Комисијата која е во склоп на Министерството за економија, до Владата на Северна Македонија, по што ќе продолжиме и со потпишување на нови договори за инвестиции кои што очекуваме да надминат 100 милиони евра во текот на 2020 година и 2021 година“, рече министерот Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Министерството за економија во тесна соработка со Канцеларијата на претседателот на Владата, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за финансии започнаа со изготвување на текст за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, имајќи ги во предвид критериумите кои се моментално во тој закон, со цел за да им се олесни аплицирањето на нашите домашни компании, за наредната година да можат да аплицираат. Измените ќе бидат во насока на олеснување на критериумите за компаниите кои што се однесуваат за намалување на бројот на вработени и намалување на приходите кои во моментот се предвидени како основни критериуми за да можат да се квалификуваат компаниите за аплицирање за мерки од ЗПФИ.

Share
Scroll to Top