По една година повторно актуелна групата „Јавна соба“ – илјадници членови споделуваат експлицитни фотографии oд девојки

пред 3 години

Една година по обелоденувањето на скандалот „Јавна соба“ за групата на социјалната мрежа „Телеграм“, каде илјадници членови споделуваа експлицитни фотографии од девојки од Македонија, вклучително и на малолетнички, истата повторно е во центарот на вниманието.

„Јавна соба“ повторно е активна и според тековните информации овој пат не се работи за една група, туку за повеќе групи.

Во овие групи на „Телеграм“ членуваат и по над 5 илјади членови – сите користат прекари, а нивните телефонски броеви не можат да се видат.

Дел од членовите користат имиња на министри и бизнисмени, но невозможно е да се утврди дали истите се автентични доколку ги немате во својот именик.

Она што може да се види се ликовите на девојките чии фотографии се споделуваат. Дел од нив фотографиите ги споделувале со нивните партнери, дел на социјалната мрежа „Инстаграм“, но сепак, клучното е дека тие не дале согласност нивните имиња, презимиња, ликови, па дури и телефонски броеви да бидат споделувани со илјадници други луѓе.

Аферата „Јавна соба“ ја отвори „А1он“ минатата година, во јануари.

Креаторот на групата, во таа прилика изјави дека немал намера групата да се претвори во размена на порнографски материјали, туку случајот сам излегол од контрола.

Тој неколку дена подоцна самиот се пријави во полициска станица. Против него беше поднесена кривична пријава, а тогашниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека имаат релевантни сознанија за лицата кои членувале во групата и разменувале фотографии.

Во февруари лани, пак, беше обелоденето дека социјалната мрежа „Телеграм“ не дава информации за членовите на порнографската група „Јавна соба“, а техничкиот министер Чулев изјави дека седиштето на „Телеграм“ во Лондон ја затворило групата и ја прекинало понатамошната соработка.

Share
Scroll to Top