Пратениците да покажат бојадисано јајце за Велигден, бара опозицијата во еден од амандманите

пред 3 години

Во еден од амандманите на опозицијата се вели дека за време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера. Ова го истакна на прес-конференција, Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.

Тој оцени дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, но и целокупната опозиција во Парламентот не сакаат функционално Собрание и продолжуваат со својата деструктивност да работат директно на штета на граѓаните.

„Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце. Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците“, рече Митрески.

Понатаму, тој вели дека во дел од амандманите се бара пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на автомеханичарски салони и месарници, да не смеат да носат џемпери затоа што, тоа било навреда за Собранието..

„Ова не само што е навреда на луѓето кои чесно си го заработуваат својот леб, затоа што облеката не го чини човекот, туку е и девалвирање на целото собрание“, вели Митрески.

Тој нагласи дека има бројни амандмани околу стапувањето на сила на измените, па и тука опозициските пратеници се препуштиле на дрскоста и безобразноста па во однос на стапувањето на сила поднесени се амандмани кои велат стапување на сила 40-тиот ден по влезот во ЕУ, па 41-виот, 42-иот и така натаму.

„Додека државата, сите институции, здравствените работници, сите граѓаните се борат против коронавирусот, додека бојни категории граѓани, претпријатија, чекаат носење на важни закони за да добијат помош од државата, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива и Алијанса овде во Собранието поднесуваат илјадници амандмани кои се со единствена цел – блокада на работата на Собранието. Ова е класичен пример на понижување на Собранието, на погазување на интересите на граѓаните чии претставници сме“, додаде Митрески.

Share
Scroll to Top