„СДСМ продолжува со непочитување и омаловажување на Собранието на Република Македонија и игнорирање на опозицијата во целост. Ова што СДСМ го направи денес претставува самоволие и тотално непочитување на демократските процедури во Собранието на Република Македонија.Очигледно, за СДСМ не важат ниту правила и процедури, ниту закони и деловник“, соопшти пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, на денешната Комисија за прашања на изборите и именувањата каде на дневен ред беше точката за Утврдување на предлог листата за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ‘пратениците од мнозинството на чело со СДСМ спротивно на парламентарната демократија, без никаква консултација со ВМРО-ДПМНЕ, не дозволија да се отвори суштинска и поединечна дискусија за предлог членовите на оваа Комисија’.
„Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно укажавме и реагиравме дека при овој избор не се испочитувани неколку важни сегменти. Имено, според списокот на кандидати за членови на оваа Комисија, не е испочитуван член 16 ставот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација каде стои „Членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите на Комисијата се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество“. Исто така, можеме да констатираме дека станува збор за партиски кандидати, одбрани и селектирани во штабот на СДСМ, кои немаат речиси никакво работно искуство во областа. Меѓу кандидатите има лица кои биле на високи позиции во СДСМ, поранешни пратеници од редовите на СДСМ, но има и судир на интереси и класичен непотизам.Ова јасно покажува каква намера и цел има СДСМ со оваа Комисија.
Наместо ослободување од политичкото влијание врз членовите на оваа Комисија и зголемување на довербата на граѓаните во работата и функционирањето на истата, СДСМ на секој можен начин се обидува да ја политизира и да ја стави шепата и врз оваа многу важна алка од секојдневното живеење на граѓаните во Република Македонија. Оваа Комисија треба да влева сигурност и доверба на граѓаните во институциите, а не сомнеж во нејзиното постоење и функционирање“, се вели во соопштението.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелирала до владејачкото мнозинство да има отворена и демократска дебата, каде што и ВМРО-ДПМНЕ ќе има шанса да предложи кандидати експерти во таа област со цел да се изберат соодветните и адекватните кандидати, но и тоа било дбиено од страна на СДСМ.
„Очигледно, СДСМ се решени овој избор да помине без опозиција, без консултација и дебата, без можност граѓаните и ние да видиме кој и дали кандидатите ги исполнуваат основните услови пропишани со огласот за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.Оттука, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ваквото самобендисано и игнорантско однесување на СДСМ нема никогаш да го прифатиме и поддржиме. Ваквиот начин на избор е далеку од демократски и далеку од начин кој што би ги дал посакуваните резултати на една Комисија која има важно и суштинско значење. Очигледно, СДСМ фрли црна дамка и ја понижи работата и постоењето на Комисијата уште од самото нејзино формирање.Токму затоа, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ поради сите аномалии кои се случија денес во Собранието при утврдувањето на листата, ние не го поддржавме ваквиот недемократски избор членовите на Комисијата и ја напуштивме работата на Комисијата. Ние нема да дозволиме да бидеме соучесници во ваквото срамно однесување на колегите пратеници од СДСМ и ќе се бориме со сите демократски алатки ова самоволие во Собранието конечно, еднаш засекогаш да престане“, се додава во соопштението.