Премиерот Заев прими делегација бизнисмени и градоначалници од Полска

пред 3 години

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска прими поголема делегација претставници на бизнис заедницата на Полска, како и делегација од градоначалници од оваа земја.

Претседателот на Владата Заев нагласи дека традиционалното пријателство меѓу двете земји се рефлектира и во економската соработка за што сведочи и вредноста на вкупната трговска размена која оваа година се предвидува да достигне рекордни 300 милиони евра.

„ Граѓаните на Република Северна Македонија се посебно благодарни на народот на Полска кои Северна Македонија ја имаат поставено високо на листата за туристички посети што е особено значајно оваа година заради ограничувањата на патувањата што ги наметна пандемијата со КОВИД-19“ рече Заев.

Тој уште ги запозна полските деловни луѓе со предностите и поволностите за инвестирање во нашата земја со посебен акцент на даночните и други олеснувања кои можат да достигнат и до 50% од вкупната вредност на инвестицијата.

Бизнисмените од Полска покажаа интерес за поволностите од Законот за стратешки инвестиции и за можностите за инвестирање во енергетски капацитети од обновливи извори како што се фотоволтаичните и ветерните електроцентрали.

На средбата стана збор и за соработката помеѓу единиците на локалната самоуправа, особено во делот на збратимување меѓу општините на двете земји како добра основа за поврзување на малите и средни претпријатија од локалните заедници каде има голем потенцијал за поврзување и соработка.

Share
Scroll to Top