Прилеп ќе се збратими со град во Русија

пред 2 години

Прилепскиот градоначалник, Борче Јовчески, денеска оствари средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.

На средбата се разговарало за унапредување на соработката меѓу Прилеп и Руската Федерација како значаен партнер на нашата држава.

„Денес остварив средба со амбасадорот Сергеј Баздникин, кој ми го честиташе изборот за градоначалник. Взаемно изразивме желба за продлабочување на добрата соработка меѓу Прилеп и амбасадата на Руската Федерација, преку размена на позитивни искуства и добри практики во повеќе сфери на општествениот живот. Го запознав со програмата која се надевам дека во мојот четиригодишен мандат ќе биде реализирана. Воедно идејата која пред десетина години ја започнавме за збратимување на Прилеп со град од Русија се надевам дека ќе ја реализираме. Денеска добивме и понуда како предлог од амбасадорот дека со еден град од московскиот регион наскоро ќе бидеме збратимени. Тоа беше и еден од проектите кои од 2017 година тежнееме да го реализираме благодарение и на руско -македонското друштво од Прилеп“, изјави градоначалникот Јовчески.

Амбасадорот Баздникин се заблагодарил за средбата и потврдил дека односите на двете земји се на високо ниво и дека постојат отворени можности за соработка во областа на културата, туризмот и економијата.

„Ние сме потполно отворени за соработка во сите области кои се од интерес за граѓаните на Прилеп. Убеден сум дека тоа ќе биде голем придонес за подобрување на животите на граѓаните“, изјави рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин.

Share
Scroll to Top