Продолжуваат преговорите за усогласувањето на Колективниот договор со минималната плата на универзитетите

пред 2 години

Независниот академски синдикат (НАкС) и Министерството за образование и наука (МОН) одржаа состанок во врска со состојбите во високото образование и науката.

На состанокот се разгледуваа условите за работа во јавните универзитети и финансирањето, со посебен акцент на неусогласеноста на Колективниот договор во високото образование и науката со новиот Закон за минимална плата од 2022 година.

„Со покачувањето на минималната плата се воедначува надоместокот што го добиваат вработените што извршуваат работи со различна сложеност и имаат различен степен на образование и се оневозможува општо земено примената на воспоставениот систем на коефициенти како систем за праведно вреднување на трудот“, велат од синдикатот.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, ги афирмираше проблемите коишто произлегуваат од неусогласеноста на Колективниот договор со новиот Закон за минимална плата. Оттука, Министерството за образование и наука се согласи дека разговорите треба да продолжат и дека е потребно да се оформи работна група за надминување на овој проблем, во која ќе бидат вклучени претставници од НАкС и СОНК.

Работната група се очекува да се оформи во краток рок.

Share
Scroll to Top