Промоција на книгата (Кaлеидо) Скопски шеми од Љубомир Грбевски-Џери

пред 3 години

Книгата (Кaлеидо) Скопски шеми од Љубомир Грбевски во издание на „Авант прес“ ќе биде промовирана в петок (06.11.2020) во ресторанот „Пелистер“ со почеток во 11 часот. При промоцијата ќе се запазат сите мерки за заштита и протоколи за заштита од Ковид-19, пропишани од Владата.

Промотори на книгата ќе бидат Ѕвездан Георгиевски и Александар Прокопиев, а за музичката придружба ќе се погрижи македонскиот кантавтор Јаков Дренковски, додека пак глумицата Елизабета Клинчаревска Младеновска ќе чита дел од стиховите од новата книга на Љубомир Грбевски.

Книгата – Џери за тинејџери: (Кaлеидо) Скопски шеми (улични легенди и урбани песни удобни како чевли тесни) – е пета книга на Љубомир Грбевски, со кој тој се навраќа на својта првобитна форма, пишување на песни кои се наменети за тинејџерската публика.

„Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но, авторот не само што успешно се справува со овој предизвик, туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област, туку се идентификува со сегашните тинејџери – вели Ѕвездан Георгиевски во својата рецензија.

Љубомир Грбевски е познат како новинар и музички критичар, пред сè е познат по написи и рецензии за македонската и светската рок и џез музика. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни“ – антипесни тинејџери, е негова дебитантска книга која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата (Хоро)скопски шеми во печат се појавува 2009. Во 2016 година излегува неговата книга Бајки тралалајки за „урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019 книгата „Лет со умот, кон папокот на Универзумот“.

Неговата пиеса „Сликата на Доријан Змеј“ е влезена во Антологија на драмски текстови за деца и млади во 2013, а пак бајката „Мал крал“ е влезена во Антологијата на македонски авторски бајки. Неговата, пиеса „Како шутот доби на дар, работно место да стане цар“ е снимена како радиодрама во 2018 година. Во светот на македонската рок музика е познат како автор на либретото на првата македонска рок-опера „Житието на сликарот“ (1981) и како автор на полчасовната рок- поема „Седумте пеења на пророкот“ (2012). Се јавува и како текстописец на над седумдесетина текстови за рок композиции. На манифестацијата „12 Величествени“ во 1992 прогласен е за текстописец на годината.

Share
Scroll to Top