Протест на ивент компаниите пред Владата

пред 3 години

Асоцијацијата на ивент индустријата – ИВАП попладнево во 12 часот ќе протестира пред Владата, под мотото „Помен – една година тишина!“, поради една година од забраната за одржување на јавни настани.

„Со овој собир сакаме да го свртиме внимание на Владата, но и на јавноста за состојбата во нашата дејност која навистина е голем губитник од пандемијата. За жал, ние како дејност немаме никаква помош од страна на нашата држава. Ниту сме препознаени и разбрани како сектор, а без помош и поддршка не е возможно да опстанеме после цела година неработење“, се наведува во најавата на протестот.

Од Асоцијацијата наведуваат дека зголемениот број на случаи деновиве ги загрижува бидејќи тоа значи
дека уште долго нема да можат да почнат со работа.

„Како одговорни граѓани и компании, сметаме дека е неумесно да бараме да одржуваме јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не и создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор“, велат од ИВАП.

Во последниот пакет мерки, додаваат од таму, Владата објави дека се наменети средства за секторот за организација на настани, но моделот кој го предложила ниту некому му е јасен ниту, пак, има најава кога би можел да се реализира.

„За жал изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од Ковид пандемијата во Европа и светот, според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авио транспортот и според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади“, велат од ИВАП.

Share
Scroll to Top