Опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ДПМНЕ за прифаќање мигранти, соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче информираше дека на неговата покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, со кои разговарале за, како што оцени, сериозноста на состојбата поврзана со договор за мигранти со Велика Британија. Според него, сите учесници се согласиле дека ваквиот модел претставува голема опасност за државата.
„Гледаме дека првите мигранти веќе пристигнуваат во Косово и во Албанија. Огромна е опасноста Македонија да биде вовлечена во ваков процес“, изјави Филипче, додавајќи дека опозицијата дала поддршка на предлог-резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти.
Тој нагласи дека резолуцијата не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива, која треба јасно да гарантира дека во Северна Македонија нема да се прифаќаат мигранти како резултат на тајни договори, разговори или условени кредити. Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски јавно да се изјаснат и заеднички да ја потпишат и изгласаат резолуцијата во Собранието.
На крајот, тој најави дека политичко-општествената акција ќе продолжи и ќе се проширува со претставници на граѓанскиот сектор, младите, синдикатите и студентите, со цел, како што рече, одбрана на државата, демократијата и безбедноста на граѓаните.
Текстот Резолуција во Собрание за забрана на прифаќање мигранти – опозицијата ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја поддржат е превземен од МАКФАКС.






