Речиси 500 семејства добиваат субвенции за огревно дрво од Кисела Вода

Речиси 500 семејства добиваат субвенции за огревно дрво од Кисела Вода

пред 1 година

478 граѓани од општина Кисела Вода, кои ја доставија потребната документација, ќе добијат субвенција за набавеното огревно дрво. Општинската комисија ги разгледа поднесените барања на лицата што се пријавија на објавениот повик на локалната самоуправа и го изготви списокот на одобрените апликации за кои исплатата ќе се изврши до крајот на годината.

За финансиски надомест во износ од 500 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен кубен метар (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³) дрва или по 350 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен просторен метар (1 просторен метар) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 14  просторни метри, одлучуваше комисија формирана од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Од вкупно поднесените 586 барања од страна на граѓаните за проектот „Субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на територијата на општина Кисела Вода за купување дрва за огрев“, одобрени беа 478, а одбиени беа 21  поради некомплетна документација.

„478 семејства од Кисела Вода ќе добијат финансиската поддршка за набавка на огревно дрво. Помошта за нашите сограѓани во овие тешки времиња за нас како раководство останува да биде трајна заложба бидејќи Македонија се соочува со голема економска криза и сѐ поголем е бројот на наши сограѓани што имаат потреба од финансиска поддршка. Покрај субвенциите за огревно дрво, се потрудивме и ова зима домовите да им бидат топли и на лицата што се загреваат со пелети обезбедувајќи субвенција и за печки на пелети, како и на пелети како енергент“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Граѓаните што имаат потреба од дополнителни информации во врска со резултатите од проектот „Субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на територијата на општина Кисела Вода за купување дрва за огрев“ може да се јават на телефонскиот број 02/2785-427 секој работен ден од 8 до 16 часот.

Текстот Речиси 500 семејства добиваат субвенции за огревно дрво од Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top