Општина Центар додели 400.000 денари помош за Петриња и Сисак

пред 3 години

Советот на Општина Центар додели парична помош во висина од 400.000 денари на градовите Петриња и Сисак во Хрватска.

„На предлог на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на вчерашната седница едногласно од страна на сите советници беше изгласана помошта за граѓаните на Петриња и Сисак во Хрватска по разорниот земјотрес кој се случи на 29-ти декември минатата година“, соопштија од Општината.

Земјотресот чиј епицентар беше близу до Петриња, на 50-тина километри од главниот град на Хрватска, Загреб, одзеде најмалку седум животи, многумина ги остави без домови и покрив над главите и целиот град го претвори во рушевина.

Средствата ќе бидат уплатени во Фондот за солидарност на посебната сметка на Црвениот крст на Република Северна Македонија и во најбрз можен рок ќе им бидат достапни на граѓаните на Петриња и на Сисак.

Share
Scroll to Top