Министерот за здравство Беким Сали очекува во текот на неделава да преминеме во зелена фаза во однос на ризикот од ширење на коронавирусот, но смета дека не е време за симнување на маските.
Тој денес извести дека Министерството, Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести се едногласни во ставот дека не треба да се избрзува со укинување на мерката за носење маска.
„Јас повеќе од вас сакам да бидам првиот што ќе најави – од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запаметен за таа изјава меѓутоа состојбата се уште не е толку позитивна за ние да можеме да кажеме од денес сме слободни. На една страна се желбите, на друга страна се реалните бројки кои што ги добиваме“, одговори министерот Сали на прашањето дали подобрувањето на епидемиолошката состојба значи и олабавување на мерката.
Пример при анализите за олабавување на мерките министерот Сали рече дека им се земјите кои веќе ја укинаа мерката за носење маски.
„Имаме четири држави кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки и денес таму забележуваме бумеранг, враќање на состојбата како што беше порано. Сите сме согласни дека не треба да направиме таков потег, да олесниме, а повторно да се вратиме на претходното. За жал ние сме се уште на граница меѓу жолта – зелена зона повеќе кон жолтото одиме. Оваа недела на состанок на Комисијата закажан за в среда ќе видиме во каква состојба сме. Јас сум оптимист за општата состојба кај нас, но се уште не сум оптимист за мерките“, рече денес министерот Сали по претставувањето на јапонската донација во опрема за лекување постковид пациенти во јавното здравство во вредност од 813.000 евра.
Во следниот период, по стивнување на последниот бран на коронавирусот, министерот Сали најави фаза во која здравствениот систем, се подготвува за лекувањето на пациентите со последици по прележан Ковид-19.