(Видео) Шилегов: Новиот забавен парк ќе го има најголемиот ролеркостер на Балканот

пред 3 години

Градоначалникот на Град Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција го претстави проектот за новиот забавен парк во Скопје.

Шилегов појасни дека неговата изградба била одложена со консензуална одлука на Советот на Град Скопје на почетокот на светската пандемија на Ковид-19.

„Денес, година и пол по оваа одлука и со пандемија на којашто и се наѕира крајот, сметам дека е време да го вратиме забавниот парк на агендата на градот и да започнеме со градба кон крајот на годинава“, истакна актуелниот градоначалник, додавајќи дека за забавниот парк Градот има обезбедено проект, обезбеден буџет и соодветен план.

Шилегов нагласи дека забавниот парк ќе се наоѓа на истото место како стариот Луна Парк на парцела со иста големина и со ист број на дрвја, зашто проектот е таков што ниедно не треба да се пресече.

„Предвидени се 27 реквизити, односно содржини, за три различни возрасти на деца. Детски дел, семеен и екстремен. Адреналинските содржини од екстремниот дел за најголемите деца ќе можат да бидат користени и од повозрасните. Како на пример ролеркостерот кој ќе биде најголемиот на Балканот, а ќе можат да го користат и возрасните“, просочи Шилегов.

Паркот ќе може да прими до 3.000 посетители секој ден, или преку милион посетители годишно.

„Покрај реквизитите, предвидени се и ресторани, сувенирници, тоалети, други продавници и придружни содржини за што попријатен престој на посетителите“, додаде градоначалникот.

Истакна и дека идејното решение е од Франко Бараѕони кој има проектирано преку 50 светски забавни паркови.

Во однос на рокот за изведба, Шилегов најави дека тендерот се распишува после изборите, паркот треба да биде готов летото 2023 година, односно за 18 месеци, а се очекува самиот да се исплати за три години, по што, како што рече градоначалникот, градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти.

Share
Scroll to Top