СДСМ со повик до сите пратеници: Да не дозволиме анти-НАТО и анти-ЕУ Влада

пред 3 години

Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување по вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти, велат од СДСМ по информацијата дека формирано е ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.

„Има поддржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои најавија ново мнозинство. Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција“, се наведува во партиското соопштение.

Во однос на најавеното ново мнозинство, од СДСМ велат дека на иста маса седнале претставници на анти-НАТО и анти-ЕУ структури во земјава, со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс.

„Учесници во крвавите дејствија од 27 април, се заедно со оние кои беа тепани на истиот 27 април“, посочуваат од партијата.

Велат дека ваквиот состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики.

„Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт“, се нагласува во соопштението.

Од СДСМ очекуваат доколку навистина има ново парламентарно мнозинство тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада.

„Ќе видиме дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада и дали Мицкоски има капацитет за сложени чекори и одговорности“, порачуваат од партијата.