СДСМ: Со стопирањето на изградбата на мостот, Арсовска нанесува штета на скопјани и Скопје

пред 2 години

Од владејачката СДСМ реагираат дека градоначалничката Данела Арсовска од само за неа познати причини, како што додаваат, на штета на скопјани, решава да ја запре изградбата на мостот генерал Михајло Апостолски, капитален проект кој го намалува сообрќајниот метеж во Скопје, во Аеродром и Гази Баба.

Според СДСМ, мостот е особено значаен за граѓаните на Аеродром и Гази Баба, со олеснување на движењето се намалува сообраќајот, а тоа директно влијае и на намалување на загадувањето.

„Данела Арсовска од самиот почеток на нејзиниот мандат покажува несериозно, неодговорно и нечесно однесување кон граѓаните на Скопје. Нема оправдување за неспособноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните им дадоа доверба и одговорност да ги решаваат проблемите, а тие покажаа дека освен што поништуваат и стопираат капитални и важни проекти немаат намера да сработат ништо. Да се биде градоначалник на Скопје значи дека треба да се работи за граѓаните, а не да се поништуваат огласи, разрешуваат директори и стопираат проекти“, се истакнува во партиската реакција.

Скопјани, посочуваат од партијата на власт, не заслужуваат градоначалничка која не работи за Скопје, градоначалничка која наместо да вложува во развој, прави се за да го спречи напредокот.

Share
Scroll to Top