Триесет и шестгодишен скопјанец е осомничен дека запалил автомобил во Скопје со што предизвикал штета од 450.000 денари.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 36-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – тешки дела против општата сигурност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
На 4 јануари, на улицата „Јабланица“ во Скопје, осомничениот полеал паркиран автомобил „Ауди“ со запалива течност и со запалка ја активирал. Со ова тој предизвикал силна експлозија и целосно опожарување на автомобилот со штета во вредност од 450.000 денари, како и делумно опожарување на автомобил „Форд мондео“, кај кој била предизвикана штета од 10.000 денари.
По експлозијата, сопственикот на автомобилот „Ауди“ излегол на терасата од неговата куќа и го забележал осомничениот како бега од местото.
При претрес во домот на осомничениот на 5 јануари, полициските службеници пронашле полуавтоматски пиштол марка „Црвена застава М57“ со калибар 7,62Х25 мм, два куршума во рамка, како и дополнителни 54 куршуми.
Бидејќи постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и да ги повтори кривичните дела, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.