Собранието во моментов не може да избере уставни судии, ѝ одговори Џафери на Кацарска

пред 2 години

Во моментов, Собранието не може да избере Уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, одговори кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, по писмото што претходно денеска му го испрати претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Од Кабинетот на Џафери велат дека e опструирана работата на Комисијата за избори и именувања.

„Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере Уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, се наведува во писмото на Џафери.

Кацарска претходно изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време. Во писмото, Кацарска наведе дека е отежнато фунционирањето на Уставниот суд поради тоа што во него има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Претседателката на највисокиот судски орган посочи дека таквата состојба влијае при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Пред Судот треба да се разгледуваат и предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина, посочи Кацарска.

Share
Scroll to Top