Спасовски најави засилена соработката со граничната полиција на Црна Гора

пред 3 години

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Подгорица, во рамки на дводневната работна посета на Црна Гора, каде што утре ќе се одржи форумот на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ, имаше билатерална средба со својот домаќин, црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, на која што се разговараше на повеќе теми од заеднички билатерален интерес, како и теми поврзани со регионалната и меѓународната соработка во областа на безбедноста.

Нагласувајќи ја досегашната извонредна соработка меѓу министерствата на двете земји, министерот Спасовски истакна дека од примарен заеднички интерес е унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка, вклучително и во регионален контекст, пред сѐ во оперативен смисол, во развивање во делот на организираниот криминал, особено во борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа трговијата со дрога, како и справувањето со илегалната миграција.

Оттаму, на средбата, двајцата министри особено внимание посветија на соработката изразена и преку мулилатералните, но примарно и преку регионалните иницијативи, асоцијации и организации, а мотивирани од потребата за поефикасно координирање и спроведување на активностите со останатите земји од регионот, и заземање заеднички ставови за прашања кои се од взаемен интерес.

Во тој контекст, министерот Спасовски потенцираше две иницијативи на МВР на Република Северна Македонија кои што се во зачеток по однос на соработката со МВР на Црна Гора, и генерално, во поглед на регионалната соработка. Првата, околу формирањето Заеднички контакт центри (ЗКЦ) како механизам за соработка на граничните полиции, а се особено значајни за зајакнување на прекуграничната соработка и во борбата против прекуграничниот криминал и тероризам. Притоа користејќи ја Конвенцијата за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа како правна рамка за регулирање на една ваква амбициозна иницијатива.

И втората иницијатива, која исто така е веќе во тек, а се однесува на менаџирањето на миграциските текови, поточно на спроведувањето на Пактот за азил и миграција на ЕУ. Според министерот Спасовски, овој документ, усвоен од страна на Европската комисија, во одредена мерка се однесува и на земјите од нашиот регион, така што во таа смисла веќе е побарано од Меѓународниот центар за развој на миграциски политики да се направи анализа на Пактот од аспект на неговиот импакт врз нашите земји.

„Верувам дека заедничкиот настап на ‘третите’ земји, како што милуваат да нѐ наречат, ќе биде од есенцијална важност за нас самите, особено ако сакаме да изградиме заеднички став за сите прашања поврзани со менаџирањето на миграцијата, вклучително и прашањата на враќања и реадмисија“, истакна министерот Спасовски.

Црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, заблагодарувајќи се за искрената поддршка и соработка постигната на полето на внатрешните работи, на билатерално ниво, но и преку регионални иницијативи, истакна дека средбата се одржа во конструктивна размена на мислења за иницијативите на оваа наша пријателска земја.

„Првата се однесува на зајакнување на соработката во борбата против прекуграничниот криминал и тероризмот, а втората на управувањето со миграциските текови. Овие области се, исто така, клучни за Црна Гора, тие се опфатени со нашите бројни стратешки документи, и ние со задоволство ги прифаќаме. Иницијативите ќе го зајакнат вмрежувањето на земјите од Западен Балкан во надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, подвлече Секуловиќ.

Тој особено ја нагласи поддршката што ја добиваат од колегите од Северна Македонија во областа на управувањето со миграцијата.

„Црна Гора и Северна Македонија воспоставуваат интензивна полициска оперативна соработка преку бироата на Интерпол Подгорица и Скопје, што овозможи размена на важни информации, меѓу другото, со цел борба против трговијата со дрога“, рече министерот Секуловиќ, додавајќи дека силната врска меѓу Црна Гора и Северна Македонија е и заедничката цел, односно членство во Европската унија, при што од големо значење е соработката постигната преку процесот Брдо и форумот МАРРИ, преку кој земјите од Западен Балкан разменуваат искуства за процесот на преговори.

Инаку утре, министерот Спасовски ќе учествува на Форумот на МАРРИ регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци, каде што е предвидено да има и свои обраќања.

Share
Scroll to Top