Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
Од владината прес-служба информираат дека на средбата премиерот Ковачевски и специјалниот пратеник на премиерот Борис Џонсон, разговарале за натамошниот развој на, како што се вели, силните и цврстите билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство, инаку поранешен шеф на Генералштабот на армијата на Обединетото Кралство и командант на Воениот комитет на НАТО, ја пренесе силната посветеност на Лондон за евроатлантската интеграција на Западен Балкан, како и на поддршката на неговата земја за промовирање силни, стабилни демократски институции и отворени општества“, се наведува во соопштението за средбата.
Ковачевски го истакнал како особено значаен придонесот на Обединетото Кралство во поддршката на Северна Македонија и на Западен Балкан во унапредувањето на условите за безбедност, стабилност и просперитет.