По одлуката на Кривичниот суд а во врска со притворот на Сашо Мијалков, Судскиот совет истакнува дека судската власт е независна и самостојна и не делува под политички влијанија.
„Имајќи го предвид јавниот интерес околу одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје во врска со притворот на обвинетиот С.М. Судскиот совет известува дека согласно членот 2 од Законот за Судски совет, Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, додека според членот 11 од Законот за судовите судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект“, е истакнато во соопштението од оваа институција.
Судскиот совет укажува дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган кој постапува исклучиво според закон и не делува под политички влијанија, а истото се однесува и за работата на судиите.
„Оттаму, врз основа на надлежностите, сите алатки кои Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Советот. За секоја следна постапка или евентуална одлука Судскиот совет навремено ќе ја извести јавноста“, се вели во напишаниот допис.