Истите лица што ја убиле Вања се осомничени и за убиството на велешкиот фризер Панче по кој се трагаше, автомобилот му беше пронајден опожарен во средата

Таткото на Вања осомничен за помош при грабнување, останатите четворица и за две убиства на свиреп начин, Обвинителството отвори истрага

пред 5 месеци

Доцна вечерва Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за грабнувањето на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и нејзиното убиство и за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски.

„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице“, соопштија од Обвинителството.

За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор. Судијата  го продолжи притворот на четворицата за 30 дена.

„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил ’цитроен’ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на  нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, стои во соопштението од Обвинителството.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вонредна прес-конференција вечерва соопшти дека во Турција е уапсен Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за грабнувањето и двојното убиство, кој според исказите на останатите уапсени, бил организатор и извршител на двете убиства.

Текстот Таткото на Вања осомничен за помош при грабнување, останатите четворица и за две убиства на свиреп начин, Обвинителството отвори истрага е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top