Први мај е денот кога излегуваме на улица, кога не одиме на пикник и кога не одиме на продолжен викенд, ги потсети денес работниците во земјава претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Со објаснување дека на првомајски протест не се поканува туку само се доаѓа, Трендафилов најави дека в петок, од улица, уште еднаш работниците ќе ѝ кажат на Владата дека бараат 600 евра минимална плата, ќе укажат на можноста за домино ефект ако се укине колективниот договор во културата, и ќе алармираат за повеќе инспекциски надзори за да не се повторува работници да гинат додека ги извршуваат работните задачи.
„Повеќе од 260.000 работници во Македонија според последните податоци на Управата за јавни приходи живеат со примања под 600 евра односно толку колку што работниците бараат да изнесува минималната плата во Македонија. Тоа е 50% од работната сила во Македонија која прима плата под 600 евра и затоа овие работници да не нè среќаваат на улица и да ни се жалат, да не ни праќаат пораки и да ни се жалат , туку да застанат со нас рамо до рамо и да покажат дека се незадоволни од висината на работничките плати, од висината на платата која ја носат на нивните семејства, а особено поради тоа што со мизерното усогласување на минималната плата за 1,667 денари во месец март оваа година, како и зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница за 3,304 денари од почетокот на годината, на едно семејство, доколку двајцата работници се на минималец, му недостасува некоја стотка за да ги овозможат најосновните прехрамбени услови за живот. Тоа е поразителен податок за сите кои креираат политики, за сите работодавачи во Македонија и за сите други чинители во општеството“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Посебно внимание на протестот в петок ќе биде посветено на работниците кои гинат извршувајќи ги работните задачи.
„Македонските работници заминуваат од дома секое утро на работа, се поздравуваат со своите семејства и не знаат дали ќе се вратат дома.. Последниот катастрофален случај кога еден работник загина, а неколкумина беа повредени на градилиште во Скопје мислам дека треба да го разбуди алармот кај сите, особено кај инспекциските служби и особено кај оние кои треба да овозможат поголем број на инспектори и поголем број на инспекциски надзори за да се спречат вакви катастрофи. Податоците кои покажуваат дека голем број на наши сограѓани ги губат своите животи на своите работни места, а нивната смрт чини помеѓу 5 и 10 илјади евра заради тоа што биле осигурени, сметаме дека е пораз за едно општество“, вели претседателот на ССМ, Трендафилов.
Третата порака која ќе биде испратена до надлежните в петок е дека борбата за спас на еден колективен договор е борба за спас на сите колективни договори.
„Можноста за укинување на еден колективен договор како колективниот договор на култура кој е пред Уставниот суд е можност да се предизвика домино ефект за укинување на сите колективни договори во кои се предвидува начин на пресметка на плата“, рече Трендафилов.
Со изреката „Ако не се буните, немате право ни да се лутите“ Трендафилов повика в петок, во 11 часот на протестот да се придружат што е можно повеќе работници. Збирно место е работничкиот дом, а ќе се маршира до Влада од каде Трендафилов кажа дека ќе бидат испратени пораките до власта.
Текстот Трендафилов повика на првомајски протест: Ќе потсетиме дека над 260.000 граѓани живеат со примања под 600 евра е превземен од МАКФАКС.






