Тренчевска до воспитувачите: Интересот на децата да биде на прво место, низ дијалог ќе најдеме решение

пред 2 години

Ги повикувам воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките, бидејќи секој изгубен час и ден од наставата оди на директна штета на раниот детски развој, кој е основата за понатамошен развој на секоја индивидуа, порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Министерката истакна дека како Влада и Министерство кое води грижа не само за детскиот развој, туку и за унапредувањето на воспитно-згрижувачкиот кадар, постои цврста определба за продолжување на социјалниот дијалог од кој се очекува да произлезат системски решенија кои одат во прилог на сите.

„Владата и Министерството за труд и социјална политика и претходно докажаа дека имаат слух за барањата на воспитно-згрижувачкиот кадар во градинките и дека не бегаат од решенија со кои се унапредува нивниот економско-социјален статус. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите на вработените во градинките кои се покачени за 21 отсто во последните четири години, што е историски најголем раст. Социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик“. вели Тренчевска.

Таа верува дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место, а градинките ќе ги отворат вратите. Преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките, додаде Тренчевска.

Share
Scroll to Top