Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која ја водиме во моментов и дополнителните проверки што ги спроведуваме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се силно пофалени од страна на Брисел, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека во краток рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи без застој.
„Ние како држава сме решени доследно да ја спроведеме борбата против корупцијата,“ нагласи министерот Трипуновски.
Текстот Трипуновски: Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата, борбата против корупцијата продолжува е превземен од МАКФАКС.






