Три лица со македонско државјанство се на списокот на австриската полиција за терористичкиот напад

пред 3 години

Австриската полиција ја известила македонската полиција дека три лица поврзани со терористичкиот напад во Виена имаат и македонско државјанство.

Секторот за меѓународна соработка во МВР од утрово е ставен на располагање на австриската полиција, а за случајот разговарале и премиерите Себастијан Курц и Зоран Заев.

„Денеска од австриската полиција, преку Европол, до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за соработка и информации околу терористичкиот напад кој се случи синоќа во Виена. Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. роден во Модлинг, Австрија, А.Г. роден во Сент Полтен, Австрија и У.А. роден во Виена, Австрија. Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“, велат од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека е остварена и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц.

„Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба“, соопшти МВР.

Во синоќешниот терористички напад во Виена убиен беше напаѓачот Кујтим Фејзулаи чии родители потекнуваат од тетовското село Челопек откако беа убиени четворица, а повредени седумнаесетмина цивили.

Share
Scroll to Top