Тупанчески – Холштајн: Соработката ќе се интензивира за остварување на заедничките цели

пред 3 години

Министерот за правда Никола Тупанчески денес оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Н.Е. Анке Холштајн, на која беа презентирани резултатите од досегашната работа, како и идните чекори на министерството за подобрување на македонскиот правосуден систем.

На иницијалната средба двете страни ја потврдија досегашната успешна билатерална соработка, која особено се надополнува со поддршката од ГИЗ во текот на сите изминати години и безброј реализирани проекти, од кои значаен дел се во правосудниот сектор.

На средбата министерот Тупанчески ги презентираше и идните приоритети на Министерството за правда. Дигитализацијата во правосудниот сектор останува главен приоритет на кој ќе продолжи да се работи.

Јавните обвинителства се значаен сегмент од правосудниот систем и ставањето во функција на електронскиот систем за распределба на предмети во Јавните обвинителства ќе обезбеди ефикасност во борбата против корупцијата.

Исто така, министерот истакна дека оваа година се финализира имплементацијата на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017-2022 година, а ќе се започне и со подготовка на новата Стратегија за периодот 2023-2027 година, која ќе биде продолжение на реформскиот процес.

Амбасадорката Холштајн ја потврди поддршката за продолжување на соработката која веќе ја имаат остварено двете држави и ја изрази подготвеноста на Германија да даде уште поголем придонес во спроведување на реформите преку размена на искуства, особено во меѓународната судска пракса од казнената сфера.

Заедно со министерот Тупанчески се согласија дека соработката ќе се интензивира и во насока на остварување на заедничките цели.

Share
Scroll to Top