Туристичкиот сектор: Бектеши мора да преговара со Грција, парите ни се заглавени во нереализирани патувања

пред 4 години

Туристичкиот сектор е крајно револтиран по изјавата на Министерот за економија, Крешник Бектеши кој денеска рече дека македонската влада нема да преговара билатерално со грчката влада, по примерот на српската, бидејќи Македонија не сака да ги загуби домашните туристи за летната сезона.

„ Дали министерот има некакво решение за ваучерите кои не се реализираа поради Ковид-19? Туристичките агенции сите ваучери ги доставија до Министерство за Економија. Најголемиот дел од тие ваучери се за нереализирани аранжмани за лето 2020 во Грција. Сакале или несакале парите на агенциите и граѓаните се во Грција, па токму поради тоа државните институции, а посебно Министерство за економија треба да помогне за истите да се реализираат, а не категорично да одбиваат преговори и соработка со Грција за решавање на ова витално прашање за опстанок на туристичките агенции“ реагира туристичкиот сектор.

Од таму велат дека Министерство за економија располага со информацијата која е вкупната сума која е потребна да се обештетат граѓаните за нереализираните патувања за Грција, па доколку не се во можност да ги реализираат истите ова лето агенциите очекуваат да го реши овој проблем.

„ Нормално дека е важно да има туристи и во Македонија, но нашите капацитети не се толку големи,а исто така треба да се работи и на привлекување странски туристи, со што ќе се компензира бројот на наши граѓани што би патувале во странство. Со ова ќе се помогне и на агенциите што работат рециптивен и емитивен туризам. Ситуацијата е многу загрижувачка, со немање стратегија за масовна вакцинација во државата, тоа се одразува најмногу на здравјето на граѓаните, а потоа на економијата, особено на нашиот сектор. Навистина се прашуваме како државата планира да има развој на домашен туризам, кога никој во државава не е вакциниран?! Па така може веднаш да заклучиме дека со ваквата ситуација нема да имаме ни странски туристи, а и нашите домашни туристи ќе бидат во дилема дали воопшто да пропатуваат па макар и по нашата држава! Бараме под итно стратегија која ќе го реши проблемот со неискористените ваучери, ќе преговара со сите релевантни фактори во странските држави, особено со Грција, за која дестинација најповеќе се заглавени нашите средства, за можност за патување со негативен ПЦР тест, тест за антитела, антигени, било кој начин но да се има избор. Граѓаните да имаат избор, а не да бидат оставени да чекаат до 31.12 што ќе се случува со ваучерите“ додаваат од туристичкиот сектор.

Друга дополнителна трагедија за секторот, како што се жалат, е доцнењето на донесување на одлуката за помош со плати, која е најпотребна во периодов.

„ Втората плата требаше да се исплати а се уште не е добиена за февруари, а и март помина. Овој сектор е се уште со пад на промет над 90%, се размислува ли за помош и решавање на овој проблем или само ќе се одолговлекуваат проблемите?!

Доколку не се решат овие проблеми во најбрз рок, туристичките работници се закани дека повторно ќе излезат на протести.

Share
Scroll to Top