Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоен Стратегискиот план на Народната банка за периодот 2022-2024 година.
Стрaтегискиот план на Народната банка е поставен под мотото „Централна банка којашто со флексибилни, соодветно осмислени и навремени одлуки, во време на брзи промени и дигитална трансформација, придонесува за повисок животен стандард на граѓаните преку создавање амбиент на одржлив и инклузивен економски развој“. Преку деветте стратегиски цели, Народната банка и понатаму ќе им биде посветена на унапредувањето на процесот на спроведување на монетарната политика, на стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, на управувањето со девизните резерви, а сето тоа заради обезбедување услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги, известуваат од таму.
Во фокусот на новиот Стратегиски план ќе бидат и финансиската едукација и инклузија, со оглед на важноста на зголемувањето на сознанијата за предностите од користењето различни финансиски услуги во време на технолошки иновации, како и зголемена свесност за ризиците, што, пак, би обезбедило поголема вклученост на населението и малите претпријатија во финансиските текови и олеснет пристап до финансии. Една од стратегиските цели е и развивањето на свесноста за климатските промени и давањето придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што би придонесло за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на нивниот животен стандард.
„Со издвојувањето на стратегиска цел за транспарентност и отчетност, Народната банка ќе продолжи со активностите за навремено информирање на сите заинтересирани ентитети за своите одлуки, активности, согледувања и оцени, коишто се од значење за економските субјекти и граѓаните, вклучително и во процесите на носење одлуки“, стои во писменото соопштение.
Стратегискиот план на Народната банка на Република Северна Македонија претставува среднорочна рамка за следните три години, согласно со која ги остваруваме нашите активности и нашата визија да бидеме препознаени како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција, којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста, се додава во соопштението од НБРМ.