Уставниот суд реагира на невистинити наводи изнесени од претседателот на Синдикатот на УПОЗ

Уставниот суд реагира на невистинити наводи изнесени од претседателот на Синдикатот на УПОЗ

пред 1 година

Уставниот суд ги отфрла сите обвинувања упатени кон претседателката Добрила Кацарска и кон судиите што беа искажани од страна на претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, и реагира на невистинити наводи изнесени во текот на неговата изјава за време на протестот пред Уставниот суд, денеска, 27.12.2023 година.

„Имено, посоченото лице, првенствено вработените што ги претставува, а потоа и сите други граѓани, ги доведува во заблуда со изјавата ‘наместо да дебатираме со претседателката на Уставниот суд и министерот за финансии внатре, ние дебатираме преку вас медиумите’. Во рамките на постапувањето и одлучувањето Уставниот суд не преговара со никого, единствено оценува уставност и законитост на актите и ниту една одлука на судот не смее и не може да биде предмет на преговарање со ниту еден субјект. Од друга страна, Уставниот суд не го негира правото на граѓаните да изразат незадоволство преку протест, што е впрочем уставно загарантирано право, но мора да се нагласи дека судот при одлучувањето за поведување постапка не одлучуваше со намера да наштети на правата на вработените, туку да ја заштити уставноста, која во овој случај постои како сомнеж“, велат од Уставниот суд.

Судот, како што дополнуваат, одлучува во насока на остварување на правата на сите вработени, но не врз основа на дискриминирачки и неуставни одредби, како што е во случајот.

„Уставниот суд информира дека е неточен заклучокот дека т.н. привремена мерка е донесена само поради една околност, која била јавно спомената. Во овој случај судот донесе решение за запирање на извршувањето врз основа на овластувања од членот 27 од Деловникот и образложението за оваа мерка е содржано во решението што е објавено во ‘Службен весник’. Конечна одлука ќе биде донесена во најкраток можен рок, како што и впрочем предвидел Деловникот, а тоа е периодот во кој тимот што работи на предметот ќе го подготви рефератот со конечен предлог откога ќе добие мислење од доносителот на актот за што е предвиден рок не подолг од 30 дена. Недозволиво е да се прејудицира каква ќе биде конечната одлука“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Текстот Уставниот суд реагира на невистинити наводи изнесени од претседателот на Синдикатот на УПОЗ е превземен од МАКФАКС.