Утре наутро протест и блокада на мостот „Близнаци“ против депонијата „Вардариште“

Утре наутро протест и блокада на мостот „Близнаци“ против депонијата „Вардариште“

пред 12 часа

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ најави дека во петок, 26 септември, освен закажаниот протест во 18:00 часот, ќе се одржи и утрински протест со почеток во 07:30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

Од иницијативата ги повикаа работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа, а возачите – на трпение.

Организаторите објаснија дека на овој чекор се одлучиле поради истекување на рокот од пет дена што го дадоа за започнување на исполнување на итните барања, меѓу кои се: воспоставување 24-часовен видео-надзор и физичко обезбедување на Вардариште, итно иселување и згрижување на лицата кои живеат таму, поставување ограда околу депонијата, започнување процес за конечно затворање, откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите, како и ригорозни мерки против сите што ќе продолжат да фрлаат отпад.

Барањата беа доставени до државниот врв, Владата, надлежните министерства, Град Скопје и општините Аеродром и Гази Баба, но од иницијативата велат дека досега не добиле никаков одговор.

„Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат бидејќи чист воздух е приоритет за сите нас“, порачаа од иницијативата.

Текстот Утре наутро протест и блокада на мостот „Близнаци“ против депонијата „Вардариште“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top