Фатална сообраќајка во Лисиче – загина возач, а тешко повредена е неговата 15-годишна ќерка

пред 3 години

Дежурен јавен обвинител од скопското основното јавно обвинителство извршил увид на местото на тешка сообраќајна несреќа која се случила синоќа околу полноќ во Ново Лисиче, на сервисна улица во близина на трговскиот центар „Лиса“.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на два автомобила – „рено“ управувано од 21-годишен скопјанец и „фолксваген поло“ со кое управувал 48-годишен жител на Стајковци.

Во несреќата, возачот на автомобилот „фолксваген“ се здобил со тешки повреди на кои им подлегнал на самото место.

Со тешки телесни повреди се здобила и неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот.

Возачот на автомобилот „рено“ се здобил со повреди и откако му била укажана лекарска помош, тој е задржан во полициска станица.

Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатиот, како и за вештачење на примероци од крв и урина од возачот на другиот автомобил со цел да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.

Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на местото на несреќата преку системот „безбеден град“.​

Share
Scroll to Top