Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, присуствуваше на настанот за промоција на „Топ 100“ компании, во организација на Стопанската комора на Северозападна Македонија, со кој секоја година традиционално се оддаваат признанија на најуспешните компании-членки на оваа комора.
„Честопати забораваме да пофалиме и наградиме добро завршена работа, дополнително, не смееме да занемариме дека во последните две години се соочуваме со непредвидлива здравствена и економска криза која ги стави на тест нашата отпорност, истрајност и борбеност што на овие признанија денеска им дава дополнителна тежина“, започна вицепремиерот со своето излагање пред присутните гости.
Битиќи додаде дека го радуваат позитивните резултати кои ги постигнале „Топ 100“ компаниите-членки на комората во 2020 година и потенцираше дека и покрај здравствено-економската криза овие компании продуцирале поголем промет, извоз, зголемен број на вработени и повисок профит, во однос на 2019 година.
„За растот на компаниите во Стопанската комора на Северозападна Македонија, говорат бројките кои растат секоја година. Во 2018 годишниот промет на „Топ 100“ најуспешни компании беше 750 милиони, во 2019 година имале годишен обрт од 900 милиони и во кризна година во која најголем дел од економиите имаа пад „Топ 100“ најуспешните имаат раст од 2,61% а постигнале ниво од 920 милиони евра обрт. Бројки кои говорат дека нашите претприемачи знаат и умеат и во најтешки времиња да најдат можности дури и да растат. Истотака, многу добри позитини резултати се рефлектираат и во показателите за нето добивката која што во континуитет расте. Ако во 2018 година реализираната нето – добивка на најуспешните 100 компании беше 56,5 милиони евра ,во 2019 година 66 милиони евра, во КОВИД период на 2020 година вие постигнавте раст до 9,87% и достигнавте до нето добивка од 73 милиони евра“, посочи Битиќи.
Вицепремиерот рече дека успехот на овие компании е важен бидејќи даваат позитивен пример и поттик за сите останати и создаваат култура на деловна мотивираност и промовираат здрава конкурентност. Сето ова влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и севкупниот економски раст.
Тој додаде дека Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан имаат голем потенцијал за раст и развој на економијата и дека со заедничка работа, на Владата, стопанството и меѓународните партнери, треба да се искористи шансата за побрз и одржлив економски развој на земјата и регионот.
“Во насока на поддршка, раст и ваш развој, на моите средби со политичари и бизнисмени во регионот веќе зборувам, а денеска сакам да ја отвориме оваа дискусија и заедно тука со вас, а тоа е креирањето на силни вредносни ланци на компаниите во нашата земја но и поврзување со целиот регион. Ова е нашата конкурентна предност, која мораме да ја искористиме, за да излеземе посилни и постабилни во пост ковид периодот. Ре-фокусот на стимулирање на инвестициите на пазарот на Западен Балкан ќе креира отпорен и стабилен регионален пазар, кој ќе е конкурентен на европскиот, односно светскиот пазар, а истовремено ќе ги поддржува и секако расне и зајакнува националните економии. Веќе зборуваме за креирање на стимулирачки и афирмативни мерки кои ќе поттикнат посакуван економски развој преку зацврснување и синергија на вредносиот ланец за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал кој ни се отвората преку „Near shoring“, или приближување на ланците за снабдување, поблиску до големите, прво европски, а и светски компании“, заврши во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.