Фатмир Дехари падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење, рече Мицкоски за победата во Кичево

Фатмир Дехари падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење, рече Мицкоски за победата во Кичево

пред 10 часа

Премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва многу порано отколку во првиот круг прогласи голема победа на ВМРО  ДПМНЕ и коалицијата. Рече дека ако некој се сомневал, народот покажал дека „Македонија повторно е твоја“.

„Победивме во Скопје. Убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош. Победа и во Аеродром и во Чучер Сандево. Беше жилава тешка борба со многу предизвици. Се одлучуваше во пет до 12, знаете дека не заслужува ни името да му го спомнам тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби. Не успеа. Поразен е. Брвеница останува Јоцо градоначалник. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево кои што досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани. Нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново Облешево, Виница, Дебарца,  Кочне, Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се пребројуваат гласовите“, рече вечерва Мицкоски.

Посебно внимание во победничкиот говор тој посвети на Кичево.

„Морам да признам и да соопштам една посебно силна порака. Таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но, покажавме и што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери различни припадности, против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати,  христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните“, рече Мицкоски.

За него победата во Кичево е показател дека народот е поголем од политиката и вербата во подобро утре е посилна од секој страв. Најави дека во следниот период Кичево мора да биде во владиниот фокус.

„Помина и времето на локални шерифи кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации, со децении се шалтаа од еден во друг ќош, само за политички да преживеат. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите оние кои со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Епа, вистината им се распрсна пред очи. Бомбата која ја спремаа за други им прсна во рака“, рече Мицкоски.

Овој резултат Мицкоски смета дека е силна порака за СДСМ и нагласи дека не е среќен поради нивниот дебакл, но ваквиот резултат смета дека е одраз на тоа пто партијата не се реформирала и не атила чекор со времето.

Изборите Мицкоски смета дека се голема порака и за ВМРО – ДПМНЕ.

„Овие избори се порака и до нас, да не се забегува во победата туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме. И таа порака е разбрана. Обврска да продолжиме уште посилно и да не се опуштиме ниту еден ден и да ја претвориме надежта во конкретни резултати“, рече Мицкоски.

Им се заблагодари на сите што им дале поддршка, на сите што гласале различно им порача дека ја почитува нивната одлука, а оние кои не излегоа на гласање им кажа дека ја слушнал и нивната тишина и нема да ги убедува со зборови туку со дела.

Најави дека вечерва ќе слави со народот во Брвеница и Кичево, а за неколку часа ќе тргне за Брисел оти од утре „мора да се продолжи со уште поголема одговорност“.

Текстот Фатмир Дехари падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење, рече Мицкоски за победата во Кичево е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top