Филипче жали што како министер не успеал да ја започне изградбата на новиот Клинички центар

пред 2 години

Министерот за здравство во оставка, Венко Филипче, кој е на функцијата од декември 2017 година, најмногу жали што изминатиов период не успеал да ја почне изградбата на новиот Клинички центар.

Ваква изјава даде неполн час пред оставката на Владата на Зоран Заев, најавена за денес по обраќањето на претседателот, Стево Пендаровски, во Собранието.

„Најмногу жалам што не успеавме да го почне проектот за новиот Клинички центар. Јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се унапреди здравствениот систем на највисоко ниво на здравствена заштита и покрај сите овие реновирања што ги правиме за да се модернизираат условите во кои работиме сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бара и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура која не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам до опозицијата во периодот кој што доаѓа да го одблокира законот. Тоа е одличен проект, граѓаните заслужуваат нова модерна болница“, рече министерот Филипче.

Освен што жали за нереализираниот нов Клиничкиот центар, Филипче рече дека е горд на досегашната тимска работа, на укинатиот паралелен увоз на лекови, на тоа што ниту еден пациент со ретка болест не е оставен без лек, на тоа што, како што рече, платите на здравствените работници се речиси дуплирани во однос на 2017 година, како и на тоа што имал добра соработка со сите во најтешкиот период во историјата на државата во пандемијата.

Обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски е закажано денес напладне, а веднаш по неговото обраќање Зоран Заев најави оставка од функцијата премиер, со што во оставка ќе биде и целата негова Влада.

Share
Scroll to Top