Филипче: Има покачување на бројот на ковид-случаи, но не како во претходните бранови

пред 3 години

Инциденцата во последниве две недели е зголемена за 28,5 проценти, а бројот на лица што се хоспитализирани поради Ковид-19 е зголемен за 15 проценти, изјави министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи ги последните статистики за коронавирусот во земјава во последниве две недели.

„Ваквиот раст може да се каже дека е очекуван и ако споредиме со претходните бранови, процентот на хоспитализирани лица е намален, најверојатно поради фактот што има поголем број млади лица кои се заболени, а има и лица кои се вакцинирани, а заразени“, рече Филипче.

Во моментов поради Ковид-19 се хоспитализирани 518 пациенти, што е 6,4 отсто од активните случаи. Во следната недела ќе се прави секвенционирање за да се види со кој сој се заразени активните случаи.

„Во делот на вакцинацијата има стагнација, па оттаму апелирам што повеќе луѓе да се вакцинираат“, рече Филипче.

Кај малолетната популација, вели Филипче, има 1.068 активни случаи со Ковид-19. Две деца се на кислородна поддршка, а хоспитализирано е и двомесечно бебе, но нивната здравствена состојба е стабилна.

„Сега сме во фаза каде гледаме и во други земји дека има покачување на бројот на случаи, но вакцинираните лица имаат полесна клиничка слика и тоа веројатно така ќе биде генерално. Постепено се вратија животните навики и во случајов најважно е да не се прекршуваат протоколите и што повеќе луѓе да се вакцинираат“, изјави Филипче.

Share
Scroll to Top