Една од главните заложби на Министерството за здравство во изминатите години беше унапредување на условите, вложување во модерна опрема и обуки на Клиниката за гинекологија и акушерство. Со задоволство може да констатираме дека оваа заложба ја претворивме во ефикасна стратегија која за само пет години даде фантастични резултати, ги унапреди условите за родилките и обезбеди врвна нега за новороденчињата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
„ Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација на Клиниката, од 2016 до 2021 успеавме да ја намалиме смртноста кај предвреме родените бебиња од 26% на само 8% со тенденција овој процент и понатаму да паѓа. Континуираната обука и унапредување на персоналот и силните инвестиции во модерна апаратура се клучот за успех и квалитетна работа на оваа Клиника.
Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостасуваше на Клиниката но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди“ рече Филипче.
На денот на предвреме новородените деца, министерството порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата.