ФИТР: 42% од апликантите на јавниот повик “Стартапувај 3” се проектни тимови

пред 3 години

Вкупно 42% од апликантите на јавниот повик “Стартапувај 3” на ФИТР се проектни тимови составени од физички лица, покажува првичната анализа на апликациите од повикот, која ја спроведе Фондот за иновации и технолошки развој. Инаку, ова е за прв пат ФИТР во рамките на повикот да овозможи аплицирање на проектни тимови составени од физички лица кои доколку добијат одобрување на проектот за кофинансиран грант, ќе имаат обврска во рок од 30 дена да регистрираат трговско друштво.

На јавниот повик “Стартапувај 3” пристигнати се 616 проектни апликации, што претставува рекорден број во однос на сите останати повици во рамките на повикот Стартапувај. Можноста да аплицираат проектни тимови, неповратните финансиски средства, дополнителната финансиска и менторска поддршка беа доволен поттик и стимул за македонските стартап компании да започнат со реализација на нивните бизнис проекти. Анализата покажува дека од 616 пријавени, 493 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на Фондот.

Компаниите се од 18 индустрии, во најголем дел од областа на: ИТ, маркетинг, креативни индустрии, технолошки индустрии, угостителство и сл. Доаѓаат од 29 градови, со најдоминантен број на апликации од: Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Тетово. Анализата покажува дека во однос на старост на стартап компаниите, 284 компании се со старост до три години, додека 76 компании се со старост од три до шест години.

Во насока на развој на женското претприемништво, анализата покажува навистина позитивен резултат, односно дури 49% од апликантите се жени претприемачи.

На јавниот повик “Стартапувај 3” достапни се 2 милиони евра неповратни финансиски средства за поддршка на македонскиот стартап еко систем. ФИТР обезбедува до 90% од вкупниот буџет на проектот за компании до три години постоење, односно до 85% од вкупниот буџет на проектот за компании со над 3 а помалку од 6 години постоење.

За компаниите кои аплицирале, следи процес на претселекција на предлог проектите, во која оценувањето ќе го вршат три домашни стручни лица. Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, потенцијал на пазарот и влијание. Проектите кои ќе освојат просечна оценка од над 51 поен одат во втората фаза на селекција. Финалната одлука за финансирање на проекти ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции, кој се состои од 5 члена, врвни интернационални експерти.

Share
Scroll to Top