Фон дер Лајен до Ковачевски: Лично сум подготвена да помогнам во процесот со Бугарија

пред 2 години

Премиерот Димитар Ковачевски попладневно остварил телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која му го честитала изборот за претседател на Владата.

Ковачевски се заблагодарил на честитката и на поддршката што Фон дер Лајен ја дава на Северна Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски ја известил претседателката на ЕК дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада.

Исто така тој ја запознал со активностите на Владата во периодот што следи, мерките и политиките што се преземаат во правец на надминување на енергетската криза, како и економските мерки.

„Во телефонскиот разговор стана збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што соговорниците заеднички ја оценија како позитивен чекор во надминување на разликите и го поздравија фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината“, се наведува во владиното соопштение.

Ковачевски, воедно, уште еднаш ги реафирмирал македонските позиции за македонскиот јазик и идентитет.

Фон дер Лајен го поздравила воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји, и истакнала дека Брисел силно го поддржува процесот и дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо оддржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Ковачевски и претседателката на ЕК исто така се договориле многу скоро да имаат директна меѓусебна средба во Брисел.

Share
Scroll to Top