Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска одржа координативен состанок со директорите на јавните претпријатија кои синоќа работеа на решавање на проблемите предизвикани од обилните врнежи дожд.
Дел од активностите продолжуваат и денеска. Како што беше информирано на состанокот според податоците од мерната станица на хидро-системот „Стрежево“, која се наоѓа на браната, во текот на изминатиот ден за само 12 часа паднале 42 литри на метар квадратен дожд, што е енормно голема количина на врнежи кои предизвикаа водотеците да донесат големи количини на вода.
Во стрежевската акумулација во моментов има 67,2 милиони метри кубни вода, а само во текот на вчерашниот ден прибрани се 3 милиони метри кубни вода. Тоа, како што беше кажано, се големи количини на вода за кусо време.
Градоначалникот на Битола вели дека ова се совпаѓа и со податоците од Управата за хидрометеоролошки работи која дава 32 литри на метар квадратен, но за 24 часа на територија на Битола, но ова се конкретни и точни податоци за 12 часа.
Во текот на вчерашниот ден екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“, АД Водостопанство, хидро-системот „Стрежево“ и „Комуналец“ излегоа на терен некаде после 15:00 часот со зголемувањето на врнежите.
Од Општината информираат дека „Нискоградба“ интервенираше со четири тешки машини во Боримечка, во делот на населбата Стрчин, Лавчански пат. Единствен застој во градот беше излевањето на реката „Курделес“, која не можеше да ги прибере обилните количини на вода кај стариот „Прогрес“. Тој застој на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, беше саниран и отстранет, за еден час беше решена ситуацијата, а до доцна во ноќта екипите го чистеа потегот на раскрсницата.
„Нискоградба“ исто така делуваше и во селото Канино, Кажани, Ѓавато, Жабени и дел на каналот Сива вода, улицата „Скоевска“.
Денеска „Нискоградба“ со оператива интервенира во Кравари, Канино, Барешани и дел од Буковски ливади. „Водовод“ со две машини и екипи учествуваше во интеренцијата во Кравари, а денеска на потегот на Логоварди.
Се чистат канали каде што има застоени води и она што е останато од вчерашното невреме. АД Водостопанство „Битолско поле“ во текот на вчерашниот дел делуваше со една машина, а денеска ќе делува и со гасеничар.
Вчера беше интервенирано на Велушка река, кон селото Породин, Новачки пат кај фармите во Логоварди и во Кравари. Денеса се на потегот од Жебени кон петтиот канал. Јавното претпријатие „Стрежево“ вчера делуваше на потегот Лера-Доленци, патот беше во прекин заради излевање на реката „Шемница“, а денес се во Кравари.
Во врска со каналскиот систем, Коњановски вели дека во текот на изминатата година благодарение и на јавните претпријатија на Битола, а особено на АД Водостопанство „Битолско поле“ се она што беше во нивна ингренција беа исчистени најголемите собирни канали кои се на територијата на Општина Битола па и пошироко, особено петтиот канал, кој доколку не беше исчистен, како што рече градоначалникот, денеска ќе имавме многу полоша ситуација, како што е во други градови.
„Во текот на вчерашниот ден ние немавме поплавени улици во градот, на толку обилни дождови, освен излевањето на „Курделес“ што направи краткотраен застој во одвивањето на дел од сообракајот“, истакнува Коњановски упатувајќи благодарност во екипите кои во празничната ноќ се справуваа со проблемите предизвикани од обилните врнежи од дожд.
Текстот (Фото) До доцна во ноќта се санираа проблемите од обилните врнежи во Битола, екипите уште се на терен е превземен од МАКФАКС.






