Царовска: Буџетот за наука мора постојано да се зголемува

пред 3 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн состанок со Роналд де Бруин директор на Организацијата за Европска соработка во науката и технологијата (COST), ја нагласи заложбата на Владата за суштинска промена на третманот на науката и зголемување на нивото на јавни вложување во научно-истражувачка дејност.

„После долгогодишна маргинализација на науката во Северна Македонија и во услови на пандемија ја адресиравме потребата за планско финансирање на национални истражувачки проекти. Пандемијата потврди дека улогата на науката и технологијата во решавањето на предизвиците на современото живеење е круцијална и затоа буџетот за наука мора постојано да се зголемува“, рече Царовска.

Таа истакна дека МОН воведува три нови начини на финансирање.

Грантовото е достапно од годинава преку иновациските ваучери на ФИТР. Од идната година се воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно-истражувачка дејност.

По состанокот, над 60 учесници главно од академските институции учествуваа на виртуелниот СОЅТ инфо-ден за Северна Македонија, на кој се дискутираше за можностите за учество во СОЅТ програмата на земјите членки.

COST (Cooperation in Science and Technology in Europe) е најстарата и најголема програма за вмрежување во науката во Европа која е основана во 1971 година со седиште во Брисел. СОЅТ има годишен буџет од околу 45 милиони евра и во оваа програма освен членките на ЕУ, учествуваат и земјите од Европа кои не се членки на ЕУ (Швајцарија, Норвешка, Исланд, Молдавија и Турција) како и земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово). Република Северна Македонија е членка на СОЅТ од 2002 година.

Share
Scroll to Top