Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на министерскиот состанок организиран од Министерство за финансии, на кој се дискутираше за предложените реформски мерки во новата Програма за економски реформи 2022-2024.
Програмата на економски реформи е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика, и детален приказ на структурни реформи кои треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и креирање на работни места, информираат од министерството за труд.
Подготовката на овој документ на ниво на Влада е координирана од страна на Министерството за финансии, и е резултат на интензивна меѓуресорска соработка.
Министерството за труд и социјална политика предлага четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024 во следните три области: Деловно опкружување и намалување на неформалната економија, Вработување и пазар на труд и Социјална заштита и инклузија.
Мерката во областа „Деловно опкружување и намалување на неформалната економија“ гласи: Унапредување на координацијата и напорите за справување со неформалната економија.
„Идејата е да се рефлектира поширокиот опфат на оваа мерка во делот на нови реформски и други активности за подобро справување и намалување на неформалната економија. Тоа би се овозможило преку дополнителни активности како воведување на систем на идентификациони картички за вработени во секторите каде е присутна појавата на непријавена работа, дизајнирање на предлог-модели за намалување на непријавената работа кај сезонските работници, спроведување на информативна и едукативна кампања за непријавената работа и негативните ефекти за работниците и општеството, во целина,“ рече Шахпаска.
Во областа „Вработување и пазар на трудот“ Министерството за труд и социјална политика, предлага нова мерка „Зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и проширување на опфатот со активни мерки за вработување“. Предложената мерка има за цел да придонесе кон подобрување на состојбите во делот на пазарот на труд и вработеноста во Република Северна Македонија. Во оваа област спаѓа и мерката за финансиска поддршка на претприемачи роми. Оваа мерка се однесува на проектот за „Финансиска поддршка за развој на претприемништво кај припадници на ромската заедница со мечинг фонд“ кој е заеднички проект на Владата на Република Северна Македонија и Иницијативата за развој на ромско претприемништво – РЕДИ.
Третата област во која МТСП предлага мерка е „Социјалната заштита и инклузија“. Предложена мерката гласи „Зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица“ и опфаќа две компоненти Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд и Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги.
На министерскиот состанок се формираа заеднички заклучоци кои ќе се земат предвид при подготовката на новата Програма за економски реформи 2022-2024.